Никола Солев
Објавено: петок, 13 јануари 2006
Постојат реални шанси легендарниот бенд Леб и сол да се врати на музичката сцена, дознава Дневник. Иницијатор за обединување на култната група е Гаро Тавитијан, кој во изминатиот период се сретнал со другите членови на славната група - Влатко Стефановски, Бодан Арсовски и Кокан Димушевски и разговарал за нивно повторно обединување. Нашите извори велат дека кај сите членови постои желба да се реализира таа идеја и поради фактот што годинава обележуваат голем јубилеј - 30 години од нивното постоење на сцената. - Моја најголема желба во 2006 година е Леб и сол да се соедини на природен и спонтан начин, со многу љубов - открива тапанарот на бендот Гаро Тавитијан. Клавијатуристот Кокан Димушевски вели дека нема ништо против да се случи тоа, ако се спојат сите елементи. Според неофицијалните сознанија, тврд орев за повторно обединување на бендот е гитаристот Влатко Стефановски, кој засега не се гледа како дел од оваа група. - Теоретски шанси постојат за такво нешто се додека членовите на групата се живи и здрави. Но во овој момент јас немам такви планови, а што мислат другите членови, треба со нив да разговарате - вели Стефановски. Но, нашите извори велат дека проблемот не е во Стефановски ниту во кој било од другите членови, туку во финансиите, кои треба да се обезбедат за нивниот грандиозен концертен проект со свирки што би опфатил и 20 града од поранешна Југославија. Ако се најде менаџер што ќе вложи во нив или спонзор што би ја покрил турнејата и би ги исплатил членовите, тогаш - можно е што поскоро обединување на Леб и сол. Чувството дека на публиката Леб и сол & должи уште еден бис го има и гитаристот Бодан Арсовски. - Моментално го завршувам проектот Кватро баси, што го работам со тројца колеги-басисти, многу добри музичари од Хрватска, Србија и Црна Гора. Десет дена сум во студио и немам никакви информации што би можело да биде со Леб и сол. Чувствувам дека на публиката & должиме еден бис, а ако тој не се случи годинава, тогаш никогаш нема да биде. Интересот за нивното повторно обединување кај публиката се зголеми откако тоа во минатата есен го стори Бјело дугме и одржа три концерти. Доброупатените велат дека Гаро, Влатко, Бодан и Кокан се одлични музичари, имаат што да & понудат на публиката. Леб и сол, нашиот најголем музички амбасадор, својата последна свирка ја имаше на 13 декември 1995 година во клубот Милос во Солун. Групата издаде 12 албуми и антологија - компилација со најголеми хитови. (С.А.Н.) [url=www.dnevnik.com.mk/default.aspx?pbroj=2960&stID=71116]Дневник[/url]
Tweet |